2 Corinthians 8
1 Браќа, ве известуваме за благодатта Божја, дадена на црквите македонски,
2 дека при поднесувањето на многу маки нивната радост беше изобилна; и при својата голема сиромаштија покажаа големо богатство на својата добродушност,
3 зашто според можностите нивни, јас сум сведок, а и преку нив, тие даваа доброволно;
4 нѐ молеа необично многу, да го примиме нивниот дар и учеството во прислужувањето на светиите;
5 и тоа не како што се надевавме, туку тие најнапред сами себе Му се предадоа на Господа, а потоа и на нас, по волјата Божја.
6 Затоа го замоливме Тит, онака како што беше почнал порано, така и при вас да го заврши тоа добро дело.
7 И како што сѐ изобилува во вас: верата и словото, разумот и секоја усрдност и љубовта ваша кон нас, така нека изобилува во вас и таа добродетел.
8 Ова ви го велам не како заповед, туку преку усрдноста на другите да ја испитам искреноста и на вашата љубов.
9 Бидејќи вие ја знаете милоста на нашиот Господ Исус Христос дека Он, бидејќи богат, осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија.
10 А со ова ви давам совет, зашто тоа е полезно за вас, кои не само го правевте, туку и почнавте да сакате да го правите уште од минатата година.
11 А сега довршете го започнатото дело, та, како што имаше усрдност во вашето барање, така усрдно нека биде и неговото довршување според средствата.
12 Оти, ако некој има добра волја, мил е по она што го има, а не по она што го нема.
13 Зашто не сакам на другите да им биде лесно, а вам – тешко, туку подеднакво:
14 сегашниот ваш одвишок да го дополни нивниот недостиг, та и нивниот одвишок да послужи за вашиот недостиг, па да има еднаквост,
15 како што е напишано: »Кој собрал многу, немал одвишок; и кој малку, немал недостиг«.
16 Да Му благодариме на Бога, Кој во срцето на Тит вложи таква грижа за вас.
17 Вистина, јас го молев, но тој, бидејќи многу ревносен, доброволно тргна кон вас.
18 Со него испративме еден брат, пофалуван за неговото благовестие по сите цркви;
19 и не само тоа, туку и избран од црквите, за да нѐ придружува во тоа добро дело, на кое му служиме за слава на Самиот Господ и за вашата добра волја,
20 пазејќи се, да не би некој да нѐ укори поради обилните приноси, за чие собирање се грижиме ние.
21 Оти ние се трудиме за доброто не само пред Господа, туку и пред луѓето.
22 Со нив го испративме и нашиот брат, чија ревност многупати сме ја испитале во многу работи, и кој сега е уште поревносен поради големата увереност во нас.
23 Што се однесува до Тит, тој е мој другар и сотрудник помеѓу вас; а по однос на нашите браќа, тие се пратеници на црквите. Христова слава.
24 И така, посведочете им ја вашата љубов и пофалбите наши за вас, како ним, така и пред црквите.